Манчини ги „обвини“ очилата за изоставувањето на Кјелини од првиот тим против БиХ 

Роберто Манчини, селекторот на фудбалската федерација на Италија на бизарен начин го изостави капитенот Џорџо Кјелини од првиот состав на синоќешниот натпревар против Босна и Херцеговина.

„Азурите“ одиграа само 1-1 против балканската селекција, а Манчини откри која беше  причината зошто искусниот дефанзивец не го започна натпреварот од првата минута. Ги обвини своите очила.

„Јас сум виновникот. Случајно го изоставив од првиот тим, а кога ми го покажаа списокот за потврда не ги носев очилата и реков само дека е во ред. Не забележав дека го нема Кјелини“, рече Манчини.

Инаку, на еден час пред натпреварот секој селектор треба да го достави конечниот состав со кој ќе истрча на терен, а потоа може да направи промени само во случај доколку некој од првотимците се повреди на загревање. На местото на Кјелини од првата минута започна Франческо Ачерби.