Манчини: Аргентина е моќна, но и ние имаме свои адути

По пауза од 29 години најдобрите фудбалски репрезентации на Европа и Јужна Америка одново ќе ги вкрстат копјата, а домаќин ќе биде легендарниот „Вембли“. Во популарниот натпревар наречен „Финалисима“, Италија и Аргентина ќе се борат за престижниот трофеј, кој досега беше доделуван само двапати.

Селекторот на европскиот шампион Роберто Манчини жали што за овој дуел нема да може да смета на неколку стандардни првотимци, но верува во своите избраници и очекува неизвесен дуел во Лондон.

„Тажни сме што ги немаме Федерико Киеза, Чиро Имобиле, Доменико Берарди и Марко Верати, но играчите кои се тука ќе дадат сè од себе за да одиграат одличен натпревар. Аргентина е силна, но и ние имаме свои адути. Овој натпревар ќе биде крај на еден циклус. Тоа не значи дека 15-20 играчи ќе се вратат дома, но од среда ќе извадиме уште млади фудбалери за да видиме дали можеме да сметаме на нив за во иднина“, рече Манчини.

Досега ваков натпревар се играше двапати: во 1985 година, кога Франција го совлада Уругвај со 2-0 и во 1993 година кога Аргентина и Данска одиграа 1-1, а потоа „гаучосите“ беа подобри по пенали (тоа воедно беше и последниот трофеј кој легендарниот Диего Армандо Марадона го освои со националниот тим).