Манчестер Сити во трка за талентот на Хајдук, десет милиони за 16-годишник!

Екипата на Манчестер Сити тргна во трка за потписот на најголемиот млад талент на Хајдук, Лука Вушковиќ. 16-годишниот централен дефанзивец е еден од најдобрите млади фудбалери во светот и неодамна потпиша договор со супер-агентот Пини Захави. 

Понудата доставена од „граѓаните“ е повеќе од задоволувачка за сплитскиот тим, а таа изнесува дури десет милиони евра за трансфер, плус уште два милиона за дополнителни бонуси. Оваа сума би била една од рекордните во хрватскиот фудбал и секако, рекордна продажба на Хајдук. 

Интересот за младиот Вушковиќ е огромен, тој е на радарот на повеќе европски гиганти, но сепак медиумот „Атлетик“ објавува дека најсериозен кандидат за неговиот потпис е тимот на Пеп Гвардиола, кој би сакал да го види играчот во своите редови веќе следното лето.  Интересно е да се види разврската околу овој евентуален голем трансфер, а и хрватските медиуми велат дека токму Пини Захави е човекот кој може сето ова да го реализира. Израелскиот фудбалски агент застапува големи ѕвезди како Роберт Левандовски, Кристофер Нкунку и Пјер-Емил Хојбјерг. 

Лука Вушковиќ оваа сезона дебитираше во првиот тим на Хајдук, а веќе успеа да постигне и два гола. Огромниот талент на хрватскиот фудбал беше на радарот и на Реал Мадрид, а сега има голема шанса да заигра за еден од најдоброорганизираните клубови во светот, па за очекување е дека овој трансфер ќе се реализира многу наскоро.