• Саше Љолес

Управата на Манчестер Сити сериозно размислува на темата како да го задржи неверојатниот Ерлинг Халанд во своите редови и да не се доведе во ситуација тој да биде „украден“ од друг клуб, а тука најмногу се мисли на Реал Мадрид.
„Граѓаните“ се подготвени да му понудат нов договор на „вонземјанинот“, со кој Халанд ќе стане убедливо најплатениот играч во Премиер лигата со неделна плата од половина милион фунти. Во моментов најмногу заработува исто така играч на Сити, а тоа е Кевин де Брујне кој заработува 400.000 фунти неделно, а новиот договор на Халанд ќе му гарантира сто илјади повеќе од капитенот на тимот.
На овој начин Манчестер Сити сака да го „забетонира“ престојот на Халанд во нивниот клуб и да го задржи до 2028 година, изјавуваат неколку англиски медиуми. Реал Мадрид беше посочен како клуб што е најзаинтересиран за доведување на Халанд во своите редови, па затоа „граѓаните“ сакаат да го продолжат неговиот договор и да бидат сигурни дека одличниот напаѓач нема да замине никаде по завршувањето на оваа сезона.
Ерлинг Браут Халанд оваа сезона досега има постигнато 42 гола во сите конкуренции, а до крајот на кампањата има уште многу мечеви по кои оваа бројка може и значително да порасне. Тој е убедливо најдобар стрелец во англиската Премиер лига, а неодамна постигна дури пет голови на мечот од Лигата на шампионите против РБ Лајпциг.
Во моментов Халанд се рехабилитра од повредата што ја заработи на собирот со репрезентацијата на Норвешка и сигурно нема да настапи на мечот против Ливерпиул, а се очекува да се врати на терените најдоцна до првата недела на април.