ВИДЕО: Манчестер Сити по пенали го реши градскиот ривал за седма титула во Комјунити Шилд!

Градските ривали Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед дадоа добра увертира на сезоната во Англија. Мечот на „Вембли“ во рамки на Комјунити Шилд заврши нерешено (1-1), па по осум серии на пенали, актуелниот англиски првак се радуваше на седмата титула во натпреварувањето.

Дуелот на „Вембли“ во првото полувреме тргна со иницијатива на Манчестер Сити. Иако Пеп Гвардиола ги измеша картите и имаше тројца младинци во стартниот тим на „граѓаните“, сепак, актуелниот англиски првак тргна прво со шанса на Оскар Боб чиј шут го одбрани Онана, а потоа по обид на Џејмс МекАте, топката удри во стативата.

До крајот на првото полувреме Манчестер Јунајтед имаше само една шанса преку Маркус Рашфорд, додека Сити се закани преку Џереми Доку. Тукушто почна вториот дел, „ѓаволите“ успеаја да погодат за предност, меѓутоа голот на Бруно Фернандеш беше поништен поради офсајд. Тен Хаг имаше добра тактичка поставеност, затоа што го задржа Сити без шут во рамки на голот скоро цел меч.

Во 75. минута Маркус Рашфорд ја погоди стативата за Манчестер Јунајтед, но иницијативата донесе гол кога во 82. минута нововлезениот Гарначо доби топка од Бруно Фернандеш, се прошета во шеснаесетникот и погоди со шут по земја. И кога сите чекаа крај, Манчестер Сити се спаси од пораз, Оскар Боб му додаде на Бернардо Силва, а тој стрела за 1-1 во 89. минута.

Така, на „Вембли“ следеа пенали кои го дадоа освојувачот. Уште во првата серија херојот Бернардо Силва се претвори во трагичар, затоа што Андре Онана го прочита неговиот шут и Манчестер Сити влезе во дефицит. Манчестер Јунајтед за првпат не реализира од белата точка во четвртата серија, кога нововлезениот Џејдон Санчо го разочара Тен Хаг и погоди во пречката. Пеналџиите потоа беа сигурни до осмата серија кога не реализира Џони Еванс од Манчестер Јунајтед, па Аканџи донесе трофеј за Сити.

  • Извештај од натпреварот: 

Ова е вкупно седма титула за Манчестер Сити во Комјунити Шилд, а претходно тимот ги освојуваше трофеите во ова натпреварување во 1937, 1968, 1972, 2012, 2018 и 2019 година. Новата сезона во Премиер лигата стартува наредниот викенд.

Најнови вести од
Комјунити Шилд, Англија