Манчестер Јунајтед посакува соиграч на Адеми и Ристовски?

Регионалните медиуми пренесуваат една навистина интересна вест која остави во неверување голем дел од фудбалските љубители. Хрватскиот „Индекс.хр“ пишува дека славниот Манчестер Јунајтед е сериозно заинтересиран за услугите на напаѓачот на Динамо, Бруно Петковиќ

Скаутите од редовите на „ѓаволите“ биле присутни на неколку мечеви на Динамо, а интересот за Петковиќ доаѓа во моментите кога Јунајтед мака мачи со напаѓачите и има проблеми со реализацијата. Овој трансфер секако би бил голема сензација, иако голем дел од фановите оваа вест ја прифатија со доза на потсмев и не веруваат дека такво нешто може да се случи. 

Петковиќ игра за Динамо Загреб од 2018 година и досега постигна 45 голови во дресот на „модрите“, а управата би се решила на продажба затоа што мора да ја задржи финансиската стабилност и позицијата на трансфер-лидер на балканскиот пазар. Напаѓачот сезонава има учинок од девет гола и три асистенции во домашното првенство, но го привлече вниманието и со седумте погодоци во Конференциската лига. 

Доколку Манчестер Јунајтед сериозно „загризе“ за Петковиќ, се претпоставува дека Динамо би добил сума од околу 16 милиони евра, што ќе претставува еден од најголемите балкански трансфери во историјата. Хрватскиот гигант летово одби понуда од Трабзонспор вредна шест милиони евра, но во овој случај управата сигурно посериозно би ја разгледала опцијата за трансфер на Петковиќ во еден од најголемите европски клубови.