Манчестер Јунајтед добива нов дом: Ќе гради стадион со 100.000 седишта и ќе вреди цело богатство (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед го објави проектот за новиот стадион кој ќе го замени култниот „Олд Трафорд“. Станува збор за нова градба која ќе биде во близина на сегашниот стадион, а клубот најави дека изградбата ќе заврши за пет години. 

По бројни консултации и преговори клубот дојде до одлука да не го реконструира сегашниот објект, туку да изгради нов. „Олд Трафорд“ е дом на јунајтед од 1910 година, но во последно време е во доста лоша состојба и поради тоа клубот се реши за преселба. 

Новиот стадион на „црвените ѓаволи“ според првичниот проект изгледа грандиозно. Се очекува да има капацитет од околу 100.000 седишта, што не е чест случај во Англија.

Исто така, изградбата на новиот стадион ќе чини 2,34 милијарди евра според првичните проценки. Првиот човек на клубот Џим Ратклиф сака да го изгради најубавиот стадион на светот, па нема да се штеди и во него ќе има бројни објекти од различни типови.