Манчестер Јунајтед без Куња до крајот на сезоната, не се работи за повреда

Офанзивецот на Манчестер Јунајтед, Матеус Куња, нема да биде во комбинација за настап до крајот на актуелната сезона, пренесуваат британските медиуми. Според нивните информации, станува збор за претходен договор меѓу клубот и Бразилска фудбалска федерација, со кој на фудбалерот му е овозможена пауза во финишот од сезоната со цел да се минимизира ризикот од евентуални повреди.

Куња во изминатиот период се соочуваше со одредени физички проблеми, но успеа да се врати на терените токму во дербито против Ливерпул, каде што се запиша и меѓу стрелците во победата на својот тим.

Тој триумф воедно значеше и исполнување на главната амбиција на „црвените ѓаволи“ сезонава – обезбедување пласман во зоната што води во Лигата на шампионите. Со остварена цел, тренерот Мајкл Карик ќе има простор за поголема ротација во завршните кола, а дел од носителите на играта ќе добијат заслужен одмор пред летните репрезентативни обврски и Светското првенство.