Малески: Сонот ми се оствари, Башкими не треба да се потцени!

Струга Трим Лум по пауза од три недели се враќа на официјалните натпревари, а првиот предизвик за стружани ќе биде гостувањето кај Башкими во Куманово. Атмосферата во таборот на „црвено-белите“ е одлична, а напаѓачот Христијан Малески најави дека тимот ќе атакува на нови три бода.

„Имаме почит кон Башкими, без разлика на тоа што се наоѓа на долниот дел од табелата. Струга Трим Лум, како и секогаш, на секој натпревар влегува со цел да ги освои трите бода, па се надеваме дека и во понеделник во Куманово ќе стигнеме до нова победа во првенството“, изјави Малески.

За Малески изминатиот период беше посебен и на репрезентативен план. Напаѓачот дебитираше за сениорската репрезентација на Македонија на дуелот против Словенија, одигран на 29 септември, добивајќи шанса во последните 29 минути. Тој настапи и на натпреварот против Шкотска во Скопје.

„Сон на секој фудбалер е да дебитира во дресот на својата држава. Искрено, не може да се опише чувството што го имате во тие моменти. За жал, резултатите не беа на наша страна, но секогаш ќе бидам подготвен кога ќе ја добијам можноста да ја претставувам мојата земја на најдобар можен начин“, истакна Малески.

По осум одиграни кола во актуелната сезона, Малески има пет постигнати гола, а неговата цел е да го надмине учинокот од минатата сезона, кога на 33 натпревари 16 пати се запиша во листата на стрелците.