ВИДЕО: Малески пак ја „реши“ Шкендија, Струга победи по пет кола во ПМФЛ! 

Екипата на Струга Трим Љум во вистински момент ја прекина лошата серија во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и со минимални 1-0 (1-0) го совлада составот на Шкендија. Во дербито на колото во мак-елитата, шампионот од пред две сезони имаше шанса да го загрози лидерското место на стружани, но избраниците на Срѓан Захариевски не го дозволија тоа и заслужено впишаа важни три бода на своето конто.

Стартот на најуспешниот домаќин и најуспешниот гостин во досегашниот дел од сезоната, мина во мирна игра на двете страни и без речиси ниту една посериозна закана. Шкендија беше тимот кој што имаше блага иницијатива, се играше претежно на половината на домаќинот, но на тетовчани како да им фалеше последен пас во обидот да го отворат резултатот.

Стружани, пак, по резервираниот старт во последната третина од полувремето заиграа како што посакуваа и пристигнаа првите вистински возбудувања на дербито. Во 33. минута Бесарт Ибраими тргна во соло акција, Хасани пушти нога за да ја отстрани опасноста, по што домашниот напаѓач падна на земја. Но, главниот судија Александар Ставрев сметаше дека стартот на Хасани немаше интензитет за најстрога казна, а притоа му покажа жолт картон на струшката „деветка“.

Сепак, неколку минути подоцна домашните фанови се радуваа на погодок на своите миленици. Гостинскиот дефанзивец Цаке направи катастрофална грешка во опасната зона, која што Малески ја искористи и со супер-спринт и сигурна завршница донесе водство за Струга од 1-0, резултат со кој се замина на одмор. Шкендија му лежи на младиот Малески, откако тој беше еден од стрелците и на првото овосезонско соочување на двете екипи, на кое Струга славеше со 0-2.

Во вториот дел Шкендија очекувано беше тимот кој што имаше иницијатива. Избраниците на искусниот Ќатип Османи тргнаа поотворено и поофанзивно, но домаќинот одигра фантастично во дефанзивата, а малку фалеше и да слави поубедливо, доколку Цаке и Кочоски беа попрецизни во своите обиди. Во самиот финиш нововлезениот Стојановски можеше да ги казни промашувањата на домашните офанзивци, но се посрамоти од неколку метри, биејќи над голот на Струга.

И минималната победа на Струга ѝ беше доволна за да се сочува лидерската позиција на табелата (30 бода), додека Шкендија падна на третото место со 24 бода. На второто место се искачи Шкупи, кој денес славеше над Скопје.

Во следното коло кое е на програмата во последниот викенд од ноември, Струга гостува во Кратово, а Шкендија ќе се соочи со Тиквеш.