• Мартин Танасковски

Екипата на Струга Трим Љум го искористи киксот на Шкупи и со победа на гостувањето кај Работнички (0-1) се зацврсти на врвот во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Дуелот на „Борис Трајковски“ не изобилуваше со фудбалска убавина, имаше многу прекини, а го реши еден погодок.
- Извештај од натпреварот:
Првиот дел меѓу двете екипи не беше атрактивен за гледање, затоа што изобилуваше со груба игра и доста прекршоци. Се играше главно на средината на теренот, а иницијативата ја имаа стружани на Дуро кои притискаа. Единствениот гол на натпреварот падна во 28. минута кога Христијан Малески доби топка во срцето на шеснаесетникот од Кочоски и погоди.
Работнички се обидуваше да се врати во игра, но немаше завршно додавање кое ќе им дадеше шанса на напаѓачите да бидат опасни пред голот на Ведран Ќосески. Струга имаше притисок, а во 80. минута бараше и пенал по еден прекршок врз Сава Радиќ од страна на Никола Величковски, но главниот судија реши да не покаже на белата точка.
Струга со овие три бода избега на плус четири во однос на Шкупи кој ремизира со Академија Пандев (1-1). Работнички останува осми со четири порази во последните пет кола. Во следната рунда стружани играат со Академија Пандев, додека дебармаалци гостуваат во мало градско дерби кај Македонија ЃП.