• Зоран Мишевски

Во последното трето соочување на Струга Трим Лум и Шкупи оваа сезона, стружани стигнаа до третата победа, откако номинално како гости на својот стадион крај езерото славеа со 0-3 (0-1).
Дуелот од 26. коло беше „едносмерна улица“, во која се редеа шансите пред голот на Муслиу. Радески најчесто беше со опција за гол, а еднаш ја погоди и рамката од голот на чаирчани. Сепак, резултатот го отвори неговиот партнер во нападот.
Христијан Малески во 27. минута со глава го совлада голманот на Шкупи и донесе предност. Истиот играч во финишот од полувремето промаши пенал, односно голманот на Шкупи, Муслиу му го одбрани лесно упатениот обид.
Само што започна вториот дел, по вторпат се тресеше мрежата на „сините“. Рочи биеше по земја од работ на казнениот простор, а Муслиу беше немоќен да интервенира и топката отседна во неговиот лев долен агол (0-2). Само три минути подоцна Хамза проби по левата страна, убаво го пронајде Малески во средината, а овој опд непосредна близина погоди за 0-3.
Следеа уште серија на шанси на Рочи, Илиевски и Малескк, но резултатот не се менуваше и Шкупи од Струга замина со три примени гола. Натпреварот одлично го водеше Благоче Ралевски од Битола.
Струга Трим Лум е третопласирана со 56 бода, а Шкупи остана последен на табелата со 1 бод, Во следното 27. коло Струга Трим Лум го пречекува Тиквеш, а Шкупи гостува кај шампионот во Тетово.








