Малер за малер: Давид Митов Нилсон со трета стравична повреда во низа

Давид Митов Нилсон, човекот кој пред една година  дебитираше за фудбалската селекција на Македонија, не може да крене глава од проблеми. Ниту новата година не донесе подобро утро за чуварот на мрежата на Норчепинг, откако заработи нова тешка повреда, сега на раката.

За време на денешениот тренинг Митов Нилсон при една одбрана лошо паднал, по што се здобил со двојна фрактура на раката. Поради ова нашиот голман наместо за Португалија на подготовки, во текот на следната недела ќе замине на нова операција.

„Навистина голема несреќа и многу тажно за Давид. Од наша страна, но и од негова бевме среќно што по скршеницата на ногата се врати на терен повторно со големи амбиции, но дојде оваа лоша вест. Ние сме убедени дека Дејвид ќе се врати посилна и од оваа повреда исто така“, изјави менаџерот  Јенс Густафсон.

Според првичните очекувања враќањето на Митов Нилсон се очекува најрано за месец април. Како што е познато претходно, голманот поради скршеница на ногата паузираше цели осум месеци, а исто така и претходно поради повреда на ребрата мина надвор од терените повеќе од два месеци.