Малдини смирува: Паѓавме и во минатото, но секогаш се враќаме!

Легендата на Милан, кој сега работи како технички директор во клубот, Паоло Малдини зборуваше за локалните медиуми за состојбата во клубот. Милан оваа сезона ја отвори очајно и се наоѓа на 11 позиција на табелата во Серија А

Сезоната на клупата започна Марко Џампаоло кој не издржа долго, а беше заменет со Стефано Пиоли. Иако резултатите до сега не се задоволителни, Малдини смета дека клубот е на прав пат. 

„Во овој клуб се почитува страста, елеганцијата и амбициите. Паѓавме неколку пати, но секогаш се враќавме. Овој пат ќе успееме во тоа, ќе го вратиме Милан каде што му е местото. Отсекогаш овој тим се сметал за техничка екипа која се обидува да понуди фудбал со висок квалитет", изјави легендарниот стопер.

Зад екипата од „Сан Сиро" е пеколен распоред, а Пиоли на првите седум дуели забележа по две победи и нерешени и дури три порази од Јувентус, Лацио и Рома. Пред нив се релативно полесни дуели и се очекува да се соберат бодови за враќање во борбата за место во Лигата на шампионите. 

Малдини и Бобан мораат во јануари да доведат искусни играчи за да се крене нивото на тимот. Веќе долго време се шпекулира дека Златан Ибрахимовиќ ќе биде првиот нов ангажман, но сеуште нема официјални потврди.