Маки за данскиот ас Дилејни: Далтонист сум и едвај ги распознавам боите!

Данскиот репрезентативец Томас Дилејни се пожали низ тамошните медиуми, дека имал големи проблеми на пријателскиот натпревар со Мексико, бидејќи Данците имаа црвени дресови, Мексиканците зелени, а и едните и другите имаа бели шорцеви.

Дилејни призна дека пати од далтонизам. Само неколку дена пред почетокот на Мундијалот, тој откри дека тоа пореметување му создава големи проблеми и се намачи на пријателскиот дуел меѓу Мексико и Данска.

„Тешко е да се опише тоа. Како да гледам различни нијанси на иста боја. Обично играме во различна боја на шорцеви, но овојпат и ние и тие имаа бели. Беше навистина тешко да ги распознавам соиграчите. Тоа е во ред кога соиграчите ми се блиску, но кога треба да се додаде подалеку, тогаш е навистина тешко“, вели Дилејни.

Со оглед на тоа што далтонистите имаат проблем со распознавање на црвена и зелена боја, а Данска игра во група со Австралија, Перу и Франција, Дилејни би можел да има проблеми. Прво играат со Перу, кој има исти бои како Данска, а потоа со Австралија, која во комбинациите на дресови има и зелени.