Макелеле ќе седне на жешкото тренерско столче на Еупен

Француската фудбалска легенда и еден од најголемите „работници“ на терен во историјата, Клод Макелеле повторно ќе биде прв тренер на еден тим, откако прифати да биде предводник на белгискиот прволигаш, Еупен. 

Некогашната ѕвезда на Реал Мадрид, Челзи, ПСЖ и француската фудбалска репрезентација, од оваа година ја вршеше функцијата на помошник тренер во Свонси, каде му асистираше на Пол Клемент, а своевремено беше и во стручниот штаб на ПСЖ. Својот прв тренерски ангажман го имаше во 2014 година, кога по само неколку месеци заработи отказ од тимот на Бастија. 

„Сигурни сме дека со фудбалско име како Клод Макелеле овој клуб ќе ги оствари своите зацртани цели во следните две години“, пишува во соопштението на белгискиот клуб. 

Еупен по 14 одиграни кола во Јупилер Про лигата со само две победи, четири ремиј средби и осум порази се наоѓа на последната 16. позиција на табелата, а Макелеле на клупата ќе го наследи Жорди Кондом, кој пред неколку дена заработи отказ.