• Горан Упале
Христијан Цветковски, младиот македонски фудбалски стратег, се реши за нов предизвик во својата кариера. Битолчанецот, по повеќе од една деценија успешна работа, се раздели со Хакен, но останува во Шведска. Цветковски од следната сезона ќе биде прв асистент во тимот на Халмштад, потврди клубот на својата веб-страница.
„Во минатото имав многу пријатни пријателски разговори со Јохан Линдхолм, во кои тој ми зборуваше за амбициите на Халмштад во следната година и за периодот што следува. Тој беше многу конкретен и ме привлекуваа неговите идеи и се видов себеси во тој проект. Исто така ми требаше промена и мотивација по тринаесет години во Хакен.
Фудбалот го гледам на многу холистички начин. Јас сум страстен за сè во фудбалот и сум офанзивно ориентиран тренер. Се залагам за напаѓачки фудбал со голем посед на топка. Исто така, сакам да доминирам и да победувам“, рече Цветковски.
Македонецот бележеше големи успеси со младинските категории во Хакен, беше шампион на Шведска неколку пати, а под негова палка многу фудбалери ја усовршија фудбалската игра и направија трансфери во поголеми клубови или пак станаа првотимци на Хакен. Во последните две сезони Цветковски беше помошник и во првиот тим на Хакен, додека исто толку време ја извршува и функцијата тренер на У19 селекцијата на Шведска, која ја водеше на Европско првенство.
Цветковски својата тренерска кариера ја започна во Грција. Прво за клубот ПАЕ Maкедоникос, а потоа беше на чело на Филотас. По три години минати во Грција, тој се пресели во Шведска и во последните тринаесет години беше дел од Хакен.