• Горан Упале
Во минатото во неколку наврати сме пишувале за неговите успеси во Шведска, а сега младиот македонски стратег Христијан Цветковски ни соопшти нова, убава вест. 39-годишниот тренер по серијата одлични резултати со У16 и У17 тимовите на Хакен, доби унапредување и во следниот период ќе има тројна улога во шведскиот прволигаш.
Под негово водство школата на Хакен доживеа вистинска експанзија. Со У16 и У17 тимовите жнееше успеси на домашно тло, клупските витрини ги збогати со тринаесет трофеи, изгради играчи кои се дел од првиот тим, а „негови деца“ сега играат и во најсилните лиги во светот. По ваквиот успех, природен процес беше Цветковски да добие поголема улога во клубот, која како што ни вели со задоволство ја прифати.
Цветковски е назначен за нов тренер на У19 тимот на Хакен и ќе го замени Јеспер Љунг, кој стана помошник тренер во првиот тим. Дополнително, заедно со Љунг ќе го водат У21 тимот, а ќе ја има и улогата на преоден тренер, што значи дека ќе ги следи и тренира играчите кои се на границата помеѓу А-тимот и младинските категории.
„Во последните шест години ги остваривме сите цели што ни беа поставени. Многу млади фудбалери се развија во првотимци, освоивме тринаесет трофеи и дојде време за нов чекор во мојата кариера. Иако имав понуди од други сериозни клубови од Шведска, сепак проектот што Хакен ми го претстави ми изгледаше како најсериозен. Јас верувам во долгорочните процеси и решив да ја прифатам понудата на Хакен, кој ми даде шанса да бидам и дел од првата екипа. Во следниот период ќе работам како главен тренер на У19 тимот, ќе бидам дел од стручниот штаб на У21, како и одговорен за развојот на младите играчи во првата екипа“, ни изјави Цветковски.
Шефот на академијата на Хакен, Томас Андерсон не го криеше задоволството што македонскиот стратег и во иднина останува во проектот на клубот.
„Христијан многу се развиваше како тренер во последните години и имаше голема улога во успесите на академијата во последните години. Тој има енергија, голема компетентност и е навистина страстен за својата работа и сега е среќен што ќе биде главен тренер на У19 тимот“.
Цветковски од 2012 година е дел од Хакен, а минатата сезона со У17 тимот заврши на втората позиција во домашното првенство, со три бода помалку во однос на шампионот Хелсингборг.