• Горан Упале
Младиот македонски репрезентативец Адмир Љатифи доби награда за својата работа и досегашните настапи во дресот на Осијек. Деветнаесетгодишниот фудбалер стави потпис на професионален договор со хрватскиот клуб до 2029 година, со што Осиек јасно покажа дека сериозно смета на неговиот потенцијал и иднината.
Љатифи е во Осијек нешто повеќе од една година, а во периодот зад него успеа да го привлече вниманието со своите настапи. Клубот го смета за еден од младите фудбалери кои треба да ја претставуваат иднината на „бело-сините“. По потпишувањето на договорот, Љатифи не го криеше задоволството од укажаната доверба.
„Добив шанса и благодарен сум му на тренерот. Мислам дека доста добро се снајдов, а верувам дека можам да бидам уште подобар на теренот. Убаво е да се почувствува довербата, а ми годи и поддршката од навивачите. Уживање ми е да играм на Опус Арена“, изјави македонскиот репрезентативец.
Инаку, македонскиот талент со своите одлични настапи влезе во бележникот на Селта и Фрајбург, но Осијек со новиот договор докажува дека во иднина сериозно ќе смета на неговите услуги.




