• Иван Димовски

Фудбалерите на Наполи се радуваа на триумф по пресврт со 1-2 (1-1) кај Ријека, во дуелот од третото коло на Лигата на Европа. „Македонскиот дуел“ на Дарко Велковски и Ељиф Елмас заврши очекувано со триумф на фаворитот од Италија, иако Хрватите поведоа на стартот.
Стоперот на Ријека го одигра целиот натпревар за својот тим, додека Елмас беше заменет по еден час игра со Фабиан Руиз.
- Ријека - Наполи 1-2:
Роберт Муриќ стрелаше за Ријека по 13. минути игра. Фудбалерот за врска доби проигрување од Куленовиќ и со елегентен удар го „закопа“ Мерет во место и го отвори резултатот (1-0). Наполи заигра подобро, ама домаќинот имаше нова можност за да зголеми, кога Куленовиќ биеше и изнуди голманска одбрана. Пред полувремето Наполи стигна до израмнувањето преку Диего Деме. Германецот немаше тешка задача од непосредна близина да ја погоди мрежата на Ријека, по прецизен пас од Мертенс.
Стрелецот на Наполи се закани и по паузата, а неуспешен обид имаше и асистентот Мертенс. Гатузо од клупата чекаше на гол за водство до 63. минута. Истиот дојде како автогол на Филип Браут, откако Политано биеше и изнуди ваква реакција. До крајот Ријека немаше шанси да се врати и најверојатно ќе се прости од настапите во Лигата на Европа по групната фаза.
Во оваа група триумф запиша и Реал Сосиедад кој со „минималец“ ги освои бодовите дома против АЗ Алкмар (1-0). Стрелец на единствениот погодок беше Порту по речиси еден час игра.
Висока победа запиша Рома, која дома го почести Клуж со „петарда“ и триумф од 5-0. „Волчицата“ на Фонсека прикажа одлична игра и убедлива партија, па до полувремето имаше висока предност, а во финишот само ја потврди победата.
- Рома - Клуж 5-0:
Резултатот беше отворен по две минути игра, кога Михтаријан стрелаше со глава за 1-0. Во интервал од десет минути Рома постигна уште два гола, откако Ибанез и Борха Мајорал зголемија. Кога веќе сè беше готово и јасно беше дека бодовите ќе останат на „Олимпико“, Мајорал со својот втор гол и Педро го потврдија триумфот на својот тим.