Македонски тренер две години непоразен во Австралија, наскоро најавува враќање во Европа

Поранешниот фудбалер на Пелистер и Победа, Никола Марковски веќе неколку години е успешен тренер за млади категории во Австралија. Неговата амбиција веројатно ќе го донесе повторно во Европа, а зошто да не и во Македонија.

Битолчанецот говореше за своите почетоци на тренерската кариера.

„Кариерата како тренер ја започнав крајот на 2014 година, со отворањето на приватна школа исклучително за млади категории до 14-годишна возраст. После неколку месеци од отворањето на школата добив понуда да работам во клуб кој се натпреварува во Премиер Лигата, Динамо Ст. Албанс Саинтс со генерација 2006/07. Со напорна работа оваа генерација во изминатиот успеа да го добие статусот на еден од најдобрите и најуспешни во клубот, а исто така во државата Викторија и регионот на Мелбурн. Со овој тим во изминативе шест години успеавме да освоиме вкупно 11 регионални турнири и две втори места на интернационално ниво. Голема чест ми што во 2019 година станавме шампиони на државата Викторија и освоивме прво место од 45 тимови кои зедоа учество на државно ниво. Моментално како тренер тимот не загубил официјален натпревар во изминатите две сезони, што исто така е успех кој ретко некој досега го постигнал во државата. Сакам да се заблагодарам на мојот клуб Динамо и претседателот Мик Пете, мојот помошник Рик Апостолакис за подршката, помошта  и довербата овој период“, вели Марковски.

Голем напредок во неговата тренерска кариера беа патувањата во Европа, во големи и организирани клубови, од каде може многу да се научи. Марковски раскажува за искуството во Шпанија.

„Во изминатиот период  неколку пати бев на обука во Шпанија поточно во Мадрид, каде работев неколку месеци и имав шанса да споделам мислења со тренерите од академијата на Леганес и Атлетико Мадрид. После некој период поминат во Шпанија, имав неколку понуди да се преселам и работам таму, во околината на Мурсија со млади категории, но мислам дека оваа ми е последна година работа со деца и моите амбиции се да почнам професионална кариера како помошник тренер во сениорски натпреварувања. Се надевам дека после завршувањето на моите дипломи на факултетот во Барселона, А УЕФА и ПРО УЕФА лиценци мојот сон ќе се оствари. Исто така сакам да напоменам дека во брза иднина ќе се преселам во Европа каде ќе  ја започнам професионалната кариера“, вели Марковски.

Нашата земја има многу тренери со највисоката лиценца на УЕФА, ПРО лиценца, но малкумина од нив се здобиле со неа надвор од нашите граници, а ниту еден од нив тоа не го сторил од Австралија.

Марковски е релативно млад, но се гледа себеси во тренерскиот занает, па нема да биде изненадување ако наскоро во видиме во мак-фудбалот.