Македонски играч ја доживеа најтешката повреда во фудбалот!

Македонскиот фудбалер Леонард Жута доживеа сериозна повреда на последниот тренинг на Славен Белупо пред натпреварот против Осиек.

Станува збор за повреда на предните вкрстени лигаменти, што претставува една од најтешките повреди во фудбалот. По направените медицински прегледи, потврдено е дека 33-годишниот лев бек ќе биде надвор од терените до крајот на актуелната сезона.

Жута се повреди при еден од тренинзите во пресрет на домашниот дуел, по што веднаш го напушти теренот, а деталните анализи ја потврдија сериозноста на повредата.

Ова е значителен удар за тимот предводен од тренерот Марио Грегурина, кој останува без важен играч во клучниот дел од сезоната, кога се решаваат позициите во првенството.

Искусниот дефанзивец има богато искуство во хрватскиот фудбал, каде помина повеќе години. Најголемиот успех го оствари во дресот на Ријека, со која во сезоната 2016/2017 ја освои шампионската титула. Во текот на кариерата настапуваше и за Шибеник, пред да му се приклучи на Славен Белупо.