„Македонската лига е една од најдобрите, за две години се гледам во Јунајтед, Барса, Челзи...“

Еден од интернационалците во редовите на македонскиот прволигаш Скопје, Рашид Содик, даде интересна изјава со која го привлече вниманието кај нигериската и македонската фудбалска јавност.

Имено, Содик зборуваше на повеќе теми поврзани со неговата кариера и случувањата во ПМФЛ, а она што привлече најмногу внимание е тоа што според него нашата лига е многу квалитетна, па тој во иднина се гледа во некој од најголемите светски клубови.

„За Македонија не знаев ништо, но видов дека луѓето се прекрасни. Одлична е и лигата, од тука е полесно да одиш во врвен клуб, ако го дадеш најдоброто и ако го покажеш квалитетот. Оваа лига помага да станете голем фудбалер. Македонската лига е една од најдобрите, но луѓето не се запознаени со натпреварувањето. 

Тука толку многу можности има, па добри партии ви носат преселба во врвен клуб. Јас до тука дојдов со напорна работа. Оваа лига ми овозможува да се покажам, нуди многу шанси и јас само треба сето тоа да го оправдам на теренот. Верувам дека нешто големо ќе дојде за мене, а најважна во моментов е посветеноста. За две години се гледам во некој гигант како Барселона, Челси, Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Манчестер сити, Арсенал… Верувајте нема да престанам да работам додека не го остварам тоа. Тоа е мој сон и секојдневно напорно работам за да стигнам до највисоко ниво, а со помош на Бог – ќе успеам“, рече Содик. 

Преоптимистичка изјава, нема што. 22-годишниот дефанзивец во Скопје се пресели летово, а претходно играше во Русија, Данска, Турција...