Македонска фудбалска пропаст: Клубовите „смрзнаа“ во европското лето

Македонските клубови зад себе имаат европска сезона за заборав, затоа што се случи нешто што ретко, а можеби и никогаш се нема случено во историјата - сите четири претставника да се сопнат на првата европска пречка.

Шкендија, Академија Пандев, Македонија ЃП и Шкупи не успеаја да ги минат првите ривали и на европската сцена покажаа дека мак-фудбалот нема право да сонува дека еден тим може да се најде повторно во групната фаза во некое од натпреварувањата на УЕФА. Барем во елитата не ни е местото, туку само ако се формира „втора лига“ која се најавува од УЕФА, каде ќе играат клубови од калибар на нашите кои се дел од Првата лига и ќе биде мала утеха за оние кои се далеку од европскиот фудбалски крем.

Дека мак-фудбалот каска и е далеку од врвниот, говорат резултатите сами по себе. Шкендија се посрамоти прва, па во двомеч доживеа елиминација од естонски Номе Каљу кој важеше за аутсајдер на хартија. Мала утеха е дека шампионот се сели во Лигата на Европа, но срамот кој го доживеаја навивачите на тимот поради фактот дека се загуби од тим кој за ривалите е „топовско месо“ низ годините, не може да биде избришан. Академија Пандев и Македонија ЃП имаа кошмарни настапи против Зрињски Мостар и Алашкерт кои пред ждрепката ги нарекоа „ривали за мерак“ и примија по шест гола, додека Шкупи, иако остана непоразен во Ерменија и одигра 3-3 со Пјуник, на домашен терен загуби со 1-2 и ја продолжи мизеријата на македонските екипи во дуелите со добропознатиот противник кој претходно на „менито“ ги стави Победа, Тетекс и Вардар.

Се на се, резултатите говорат дека нашите клубови „смрзнаа“ среде европската летна жега. За голема дискусија се причините, како на пример странците со сомнителен квалитет кои „лапаат“ големи пари за да играат низ клубовите, слабата инфрастуктура која е можеби и најслаба во регионот, лошата работа во младинските категории и слично, но јасно е дека овој македонски фудбал, барем засега, не може да сонува на некој голем клупски успех и да направи нешто што му успеа на Вардар, кој пред некоја година, поточно во 2017-тата, играше во групната фаза на Лигата на Европа.

Фудбалските работници мора да ги засукаат ракавите за доброто на македонскиот фудбал. Телевизиските преноси на „Арена Спорт“ кои бомбастично се најавуваат, нема да донесат ништо добро за мак-фудбалот!