Македонска инвазија во Шкотска: Давид Бабунски пред потпис со Данди Јунајтед!

Неколку британски медиуми, меѓу кои и „Телеграф спорт“, ја објавија веста дека шкотскиот премиерлигаш Данди Јунајтед е сериозно заинтересиран за македонскиот фудбалер Давид Бабунски. 

Поранешниот капитен на младинската репрезентација на Македонија минатата сезона ја мина во унгарскиот Мезоковезд, но летово би можел да се пресели во Шкотска, каде веќе имаме наша македонска „колонија“. 

Бабунски потекнува од школата на Барселона, настапуваше за Дебрецен, Ботошани, Црвена Звезда и Виторул Констанца, а исто така играше и кај сегашниот тренер на Тотенхем, Анге Постекоглу, кога беше предводник на Јокохама Маринос. За сениорската македонска репрезентација има вкупно петнаесет настапи. 

Данди Јунајтед минатата сезона се избори за „кам-бек“ во шкотската Премиер лига и повторно ќе настапува во елитниот ранг. Доколку потпише договор, Давид Бабунски би бил четвртиот Македонец кој настапува во оваа земја, по Бојан Миовски, Давор Здравковски и Кристијан Трапановски. Информациите од Шкотска велат дека преговорите се во напредна фаза и наскоро се очекува потврда на трансферот.