• Иван Димовски

Во месец октомври, фудбалската репрезентација на Македонија има само еден официјален натпревар во рамките на квалификациите за Европското првенство. „Рисовите“ ќе играат како номинален гостин на Украина во Прага на 14 октомври.
Само три дена подоцна, Македонија договори пријателска средба против селекцијата на Ерменија. Истата ќе се игра во пладневен термин од 15:00 часот, а е закажана за на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица. Ерменците ни се добри познаници, досега имаме 12 меѓусебни пресметки, на кои Македонија забележа пет победи, три дуели завршија нерешено, а четири пати славеше ривалот.
Македонија последен пат играше во Струмица во 2017 година, кога одигра два натпревари од квалификациите за Светското првенство. Се работи за пресметките против Албанија (која беше меч со висок ризик) и против аутсајдерот Лихтенштајн. Претходно, нашиот национален тим на стадионот „Благој Истатов“ ги дочекуваше Канада и Бугарија.