Македонија во ноември ќе одигра контролни средби со Финска и Азербејџан

Фудбалската федерација на Македонија ја потврди и втората ноемвриска контролна пресметка на нашата најдобра селекција.

На 20 ноември на Националната арена „Тодор Проески” ќе гостува селекцијата на Азербејџан. Три дена претходно, исто така на нашиот најголем стадион, ќе одиграме пријателски дуел против Финска. Македонската федерација беше во преговори за контролен натпревар и со селекцијата на Босна и Херцеговина, но со тамошниот сојуз не се дојде до договор.

Нашата најдобра селекција со истите противници се соочи на контролни натпревари во турски Белек, во март 2018 година. Против Азербејџан одигравме 1-1, а без голови заврши натпреварот против Финска. 

Македонија веќе се подготвува за претстојните последни натпревари од Лигата на нации, против Грузија на гости и против Бугарија во Скопје.