Македонија во јуни ќе спарингува со Чешка во Прага

Македонската фудбалска репрезентација ќе одигра пријателски натпревар против селекцијата на Чешка, а двата тима ќе се соочат на 10 јуни во Прага, соопшти фудбалската федерација на својот официјален веб-сајт.

„Рисовите“ веќе имаат закажано една силна „контролка“ и седум дена претходно ќе се соочат со Хрватска во Ријека, но и мечот со Чесите исто така ќе биде добредојден за проверка на силите и расположливиот играчки кадар. 

„Драго ми е што се договоривме со чешката федерација. Ќе одиграме меч кој ќе биде одличен тест за двете репрезентации. Противникот сакаше да се соочи со нас, а тоа е само уште еден доказ за зголемениот квалитет на нашиот тим. Тие се учесници на Европското првенство, а тоа ќе биде голем поттик за нашите момци пред новото издание во Лигата на нации.

Чешка има силен тим, но ние мораме да видиме до каде сме со силите и да утврдиме што треба да подобриме за во иднина. Сигурен сум дека публиката ќе биде сведок на еден прекрасен натпревар и посакувам да ги комплетираме пријателските средби со добри резултати“, изјави селекторот Милевски. 

Македонија и Чешка во минатото се имаат сретнато трипати. Две средби им припаднаа на Чесите, додека нашите момчиња извлекоа само едно реми (1-1) на пријателскиот натпревар во 2001 година.