• Мартин Танасковски
Ждрепката за квалификациите за Европското првенство 2028 ќе биде одржана на 6 декември, но уште пред нејзиното одржување е јасно дека системот на УЕФА носи необична ситуација во која пораз во Лигата на нации потенцијално може да биде поповолен од победа. Квалификациите за ЕП 2028 ќе бидат составени од 12 групи, шест со четири репрезентации и шест со пет репрезентации. Тимовите кои ќе се пласираат на завршниот турнир во Лигата на нации ќе мора да бидат сместени во групи со четири селекции, бидејќи во јуни 2027 година ќе настапуваат на завршницата на ова натпреварување.
Проблемот е што во моментот на ждрепката нема да бидат познати учесниците на Фајнал-фор турнирот. Поради тоа, УЕФА ќе користи таканаречени „плејсхолдери“, односно ознаки како „победник од четвртфинале 1“, „поразен од четвртфинале 1“ и слично. Тоа значи дека осумте репрезентации кои ќе играат во четвртфиналето на Лигата на нации уште на денот на ждрепката ќе знаат во која квалификациска група ќе завршат ако победат, но и во која ќе играат ако бидат поразени. Токму тука се крие необичноста на системот. Можно е една репрезентација, доколку загуби во четвртфиналето на Лигата на нации, да добие значително полесна квалификациска група за ЕП 2028 отколку ако се пласира понатаму.
Дополнителна компликација претставуваат и групите со пет репрезентации. Тие започнуваат со натпревари уште во март 2027 година, па УЕФА воведе правило според кое во таква група може да има најмногу една селекција која во истиот термин има обврски во Лигата на нации, било преку четвртфинале или бараж за промоција и опстанок. Со оглед на тоа што Македонија скоро сигурно ќе игра бараж за опстанок, статистичарите велат дека шансите за место во група со четири селекции се 97%.
Поради сите овие ограничувања, ждрепката за квалификациите за ЕП 2028 ќе биде една од најкомплексните во последните години, а фудбалските федерации уште пред одигрувањето на натпреварите во Лигата на нации ќе можат да пресметуваат дали победата или поразот носат поповолна квалификациска патека кон континенталниот шампионат.

