ВИДЕО: Македонија У21 поведе прва, но остана со празни раце кај Црна Гора

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година доживеа нов пораз во квалификациите за Европското првенство (ЕП). Вкупно трет, овој пат од Црна Гора, која ги задржа бодовите пред својата публика (2-3).

Мечот во Тузи најавуваше друг тек, но нашите надежи имаа сила и можности за само едно полувреме. Тимот на Горан Станиќ поведе прв, ама потоа прими брзи три гола во 16 минути и така балканското дерби се сврти во корист на „орлите“ што на крајот беше доволно бодовите да останат кај домашниот тим.

Резултатот на мечот во Црна Гора се отвори во 13. минута, кога Хамза го пронајде Мелиќи, а тој успеа да ја стресе мрежата на противникот. Во првиот дел Македонија У21 беше конкурентна, но потоа работите се сменија. Црногорците го започнаа пресвртот во 56. минута, кога Перишиќ израмни на 1-1, а потоа до 72. минута погодија уште Јуковиќ и Мрваљевиќ, за триумф на домашниот тим. Пред финишот, Трајков даде гол во 92. минута и ги постави конечните 3-2.

За Македонија У21 ова беше трет пораз по дуелите со Италија и Полска. Нашиот национален тим останува на една победа во циклусот, а квалификациите продолжуваат во ноември со домашен дуел против Шведска У21.

Во групата по четири кола далеку на врвот се Полска У21 и Италија У21 кои имаат четири од четири и по 12 освоени бода, пред Црна Гора со шест бода. Следат Македонија и Шведска со по три, додека Ерменија нема бодови.