Македонија У19 слави во вториот тест со Црногорците

Македонската фудбалска репрезентација до 19 години запиша победа над соодветната селекција на Црна Гора со 2-1, во рамките на вториот пријателски меч кој се одржа во Скопје. 

На теренот „Петар Милошевски“ при Фудбалската федерација на Македонија, овие две селекции одиграа интересен и возбудлив натпревар. Црногорците успеаја да дојдат до предност со голот на Заковиќ, со која заминаа на одморот, но тоа не беше доволно за позитивен исход на мечот. 

Вториот дел ѝ припадна на Македонија. Израмнувачкиот гол беше дело на Гаштаров во 73. минута од средбата, додека победата ја донесе Алмир Подграѓа на четири минути до истекот на регуларното време (2-1). 

Оваа победа е добра за моралот на младите репрезентативци на Македонија бидејќи во вторникот од овој ист ривал загубија со убедливи 1-5.