Македонија У17 несреќно во 95. минута загуби од моќната Шпанија

Македонската репрезентација до 17 години несреќно, со гол примен во 95. минута загуби со 0-1 (0-0) од големиот фаворит Шпанија на првиот натпревар од претквалификацискиот турнир за пласман во елитната фаза од квалификациите за ЕП.

Македонија У17 на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ одигра квалитетно и храбро во мечот со една од најдобрите европски селекции.

Македонија и Шпанија имаа свои шанси за погодок, најдобрата на Македонија беше на Владан Новевски во првото полувреме, а Салазар Пириз погоди во петтата минута од судиското надополнување за радост на младите репрезентативци на Шпанија.

На првиот дуел од нашата група, Израел славеше со 6-0 против Фарски Острови. Во второто коло за три дена, Македонија ќе се соочи со Израел од 15:15 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“, а од 11:00 часот Шпанија игра со Фарски Острови.