ВИДЕО: Македонија со шест гола го „наполни“ Гибралтар за крај на циклусот за ЕП

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година конечно победи по осум средби и на домашен терен со сигурни 6-1 (2-0) славеше над Гибралатар, со што воедно и со триумф го заврши квалификацискиот циклус за ЕП 2019.

Нашите надежи лесно го добија ривалот, кој успеа да го изненади нашиот национален тим во првиот меч и да го совлада со 0-1, за прва историска победа во сите натпреварувања. Разликата на квалитетот во Скопје беше очигледна, со што се запишаа посакуваните три бода од страна на „новата генерација“, за добар крај на циклусот во квалификациите за европскиот собир. Играч на натпреварот беше Димитар Митровски, кој даде хет-трик.

Дека победата ќе биде сигурна се најави уште на стартот. Во 11. минута од мечот Агрон Руфати доби нафрлена топка и со глава ја стресе мрежата на аутсајдерот. За втор гол се чекаше дури до 32. минута, кога Ѓорѓев повлече акција по една грешак на противникот при изведување на аут и го проигра Митровски, кој излезе сам пред противничкиот голман и по земја погоди за 2-0.

На пауза се замина со два гола предност, иако Македонија имаше неколку сериозни шанси, а третиот гол падна на самиот старт на второто полувреме, кога од слободен удар стрелаше Давор Здравковски. Гибралтарците почесниот погодок на мечот го постигнаа во 63. минута по едно недоразбирање на нашиот национален тим преку Клинтон, но три минути подоцна, Ѓорѓев по асистенција на Трапановски ја врати високата предност (4-1).

Потоа, следеа два брзи гола на Димитар Митровски, со кои го комплетира хет-трикот на мечот, за позитива на Македонија од 7-1.