• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Чешка е далеку поквалитетна селекција од Македонија во првото полувреме на пријателскиот натпревар пред Европското првенство, но по првите 45 минути во Храдец Кралове нема голови.
Во составот на Македонија имаше само една промена. Во нападот го добивме Александар Трајковски, а отсутен беше Бојан Миовски кој се пожали на повреда непосредно пред натпреварот во Храдец Кралове. Кај Чесите, пак, ги имавме Шик, Кухта и Соучек кои добија поштеда на претходниот меч со Малта.
Македонија доста се мачеше на натпреварот, затоа што тешко ја добиваше топката и креираше можности за акција. Чешка беше многу поактивна, а уште на стартот се закани преку Шик, но топката со помош на пречката заврши во корнер. Потоа се обиде и Хложек, а во 20. минута Муслиу спаси чист гол по шут на Коуфал.
Се играше 25. минута од мечот во Храдец Кралове кога домаќинот даде гол, но судијата Оченаш доби сигнализација дека се работи за офсајд-позиција и погодокот беше поништен. Дури во 31. минута, Македонија првпат го виде голот на противникот, кога по една мешаница шутираше Исник Алими, но само во рацете на Станек.
До финишот на првиот дел најдобрата шанса ја имаше Соучек кој од дваесетина метри се обиде да го совлада Димитриевски, но шутот профуче над пречката. Македонија не успеа да создаде шанса од акција, што дополнително создава главоболки кај селекторот Благоја Милевски.