• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Македонија ја поправи играта, но и тоа не донесе резултат. Во вториот контролен дуел во јунскиот термин, нашиот национален тим загуби на гости кај Чешка (1-2) во меч кој го одбележа лош судиски критериум кој го имаше младиот словачки арбитар Михаил Оченаш.
- Извештај од натпреварот:
По поразот од Хрватска, имаше реакција кај тимот. Имавме постабилна одбрана, а одолеавме на многу напади на Чесите кои имаа поголема иницијатива на мечот посебно во првото полувреме. Два спорни пенали кои ги досуди Оченаш го одбележаа натпреварот, но мора да се пофали борбеноста на нашите фудбалери кои беа далеку подобри од мечот со Хрватите во Ријека. Јунскиот прозорец го завршуваме со два порази, а натпреварите продолжуваат во септември со циклусот во Лигата на нациите.
Во составот на Македонија имаше само една промена. Во нападот го добивме Александар Трајковски, а отсутен беше Бојан Миовски кој се пожали на повреда непосредно пред натпреварот во Храдец Кралове. Кај Чесите, пак, ги имавме Шик, Кухта и Соучек кои добија поштеда на претходниот меч со Малта. Македонија доста се мачеше на натпреварот, затоа што тешко ја добиваше топката и креираше можности за акција. Чешка беше многу поактивна, а уште на стартот се закани преку Шик, но топката со помош на пречката заврши во корнер. Потоа се обиде и Хложек, а во 20. минута Муслиу спаси чист гол по шут на Коуфал.
Се играше 25. минута од мечот во Храдец Кралове кога домаќинот даде гол, но судијата Оченаш доби сигнализација дека се работи за офсајд-позиција и погодокот беше поништен. Дури во 31. минута, Македонија првпат го виде голот на противникот, кога по една мешаница шутираше Исник Алими, но само во рацете на Станек. До финишот на првиот дел најдобрата шанса ја имаше Соучек кој од дваесетина метри се обиде да го совлада Димитриевски, но шутот профуче над пречката. Македонија не успеа да создаде шанса од акција, што дополнително создава главоболки кај селекторот Благоја Милевски.
На стартот на второто полувреме Чешка ја имаше првата закана. Се обиде да реализира Кречик, но безуспешно. Скоро десет минути подоцна на спротивната страна се обиде Јани Атанасов со вториот шут во рамки на голот на Чесите, ама топката заврши во рацете на голманот на ривалот. И веднаш по таа шанса, следеше доста спорен момент. Чешките фудбалери се судрија во казнениот простор, Муслиу беше зад капитенот Соучек и по скоро минимален контакт, судијата Оченаш реши да покаже на белата точка. Прекинот траеше одредено време, имаше и тензија, но одлуката не беше променета. Предност за домашните донесе Патрик Шик во 60. минута.
Се играше 65. минута кога од првата изградена акција, дојдовме до гол. Елмас тргна по левата страна, го проигра Трајковски, а тој со силен шут од далечина ја погоди стативата. На вистинско место се снајде Исник Алими, кој со глава ја погоди мрежата на домашните и со гол првенец израмни на 1-1. По овој момент, имаше доста грубости на терен, ама судијата Оченаш не ги санкционира домашните. До финишот на мечот селекторите направија измени, темпото на игра малку падна, а пред самиот крај на средбата, по еден минимален контакт на Велковски, судијата Оченаш покажа втор пенал кој Барак го претвори во гол за победа.