• Иван Димовски
Женската фудбалска репрезентација на Македонија претрпе неочекуван пораз дома од Летонија 1-2 (0-1), во рамките на петтото коло од квалификациите за Европското првенство. Девојките на Александар Андов се внесоа во непотребни проблеми и сега второто место во групата „виси“ во воздух во пресрет на последното коло.
Од првата минута Андов се одбра за испробани сили и квалитетен состав на самиот старт.
- Стартниот состав на Македонија:
Кабакчи; Недева, Милчевска, Николовска, Панеска; Нацева, Мустафа, Андреевска; Максути, Андонова, Марковска;
Повеќе топката во нозете ја имаше Македонија и притискаше за рана предност. Се обидуваа во неколку наврати нашите фудбалерки преку Андонова, Максути, Марковска, но безуспешно. Најзрелата шанса во првиот дел беше двоен обид во финишот на полувремето во кој Марковска беше спречена од голманката Нестерова.
Казната за промашувањето пристигна во третата дополнителна минута во видот на летонски гол. Анастасија Полуховича добро се снајде во шеснаесетникот и ја матира Кабакчи за 0-1. Во продолжението Македонија се обиде да се наметне, притисна и креираше опасни напади, ама мрежата на гостите остана недопрена.
Најголемите шанси во вториот дел ги имаа Летонките, откако во два наврати имаа брзи контри кои не ги искористија. Завршницата на тие акции не беше на нивото и нашите девојки се извлекоа. Македонија имаше завршен притисок, се обиде да дојде до израмнување. Отпорот на гостите пукна во 92. минута, бидејќи Наташа Андонова даде ефектен гол за израмнување. Капитенката на Македонија шутна од далечина и ја матира противничката голманка. Сепак, тука не беше крајот и Шевчова во последните секунди се прошета низ нашата одбрана, па погоди за победа и славје на својата репрезентација.
- Извештај од натпреварот:
Со овој пораз Македонија и натаму е второпласирана во групата со седум бода, а Летонија има шест. Сепак, во последното коло девојките на Андов одат на гости кај Словенија, па Летонките против аутсајдерот Молдавија можат да го заземат второто место.