Македонија против Летонците за заверка на првото место

Фудбалската репрезентација на Македонија е пред најважните два натпревари во сезоната во Лигата на нации, која што е пред самиот крај. Лошиот старт и неочекуваното реми со Фарски Острови се капитализира со три врзани победи и тоа без примен гол. Деветте бода во низа ја искачија Македонија на лидерската позиција на табелата во групата 4, а очекувањата се дека таму и ќе остане и во следната сезона ќе настапи еден ранг погоре – во Лигата Б. 

Но, за тоа да се случи, момците на Благоја Милевски треба до крај да си ја завршат задачата. Иако веќе имаат убедлива залиха од шест бода, во однос на второпласираната Ерменија, императив на македонскиот тим е продолжување на победничката серија и нови шест бода на своето конто. Првиот ноемвриски испит за „рисовите“ е Летонија, селекција која што игра променливо оваа година и досега има само една победа, едно реми и два порази. Еден од поразите го претрпе токму од Македонија, и тоа на свој терен со убедливи 0-3. Тогаш во Рига блеснаа Атанасов, Ќамили и Елмас, а четата на Милевски не би требало да има проблеми и на соочувањето во Скопје.

Милевски не направи големи отстапки со списокот на повикани фудбалери и овојпат, но ќе даде шанса на три нови имиња. Прв повик во сениорскиот тим добија Марко Алчевски и Бехар Фета, додека повторно шанса за деби ќе чека Сефер Емини кој игра одлично и редовно во Данска. Одново загрижува минутажата кај дел од носителите на играта, но тоа е веќе редовен проблем во репрезентацијата...