Македонија против Австрија ќе игра на „Тодор Проески“, но без капитенот Андонова

Најдобрата женска фудбалска репрезентација утре ги продолжува настапите во квалификациите за Европското првенство. Следен противник на нашите девојки е селекцијата на Австрија, која утре ќе гостува на Националната арена „Тодор Проески“. 

Селекторот на нашата репрезентација, Кирил Изов вели дека подготовките минуваат во најдобар ред и се надева на борба во текот на целиот натпревар иако сме ослабени поради отсуствата на капитенката Наташа Андонова и Романа Трајковска. 

„Веќе неколку денови се подготвуваме во Скопје за претстојниот натпревар против Австија. Нашата репрезентација е ослабена за овој дуел бидејќи не можеме да сметаме на капитенката Наташа Андонова поради повреда, а од истата причина ја немaме ниту Романа Трајковска. Австријките се силна репрезентација, фаворити за победа на утрешниот дуел, но сепак се надевам дека ќе се бориме во текот на сите 90 минути и ќе биде убав фудбалски натпревар на Националната арена“, вели селекторот. 

Во нашата група лидер е Австрија со шест бодови (два натпревари), Србија има шест (три натпревари), Франција три (еден натпревар), Македонија три бода од три натпревари и Казахстан е без бодови по три одиграни кола. 

Натпреварот се игра од 18:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.