ВИДЕО: Македонија останува лидер, Стојановски ја реши Естонија!

Фудбалската репрезентација на Македонија со победа над Естонија (2-1) ги заврши „домашните“ обврски во новата сезона во Лигата на нациите и остана во пол-позиција за освојување на првото место во групата кое носи промоција во Лига Б.

  • Извештај од натпреварот: 

Иако без капитенот Горан Пандев, како и Аријан Адеми, Езџан Алиоски, Столе Димитриевски, избраниците на Игор Ангеловски ја одработија задачата според планот и ги освоија планираните три бода против ривалот кој на претходната меѓусебна средба забележа реми (3-3). Со овој резултат, Македонија е прва во групата, победи по три нерешени во низа и го чека исходот на мечот меѓу Грузија и Ерменија за да знае какви ќе бидат математиките во последната рунда.

Дуелот во Скопје почна без сериозни возбудувања, со неколку полушанси пред голот на Македонија. Но, Шишковски не беше во опасност, затоа што обидите на Мец и Креира завршија на безбедно, едната топка надвор од рамките на голот, а другата во рацете на чуварот на мрежата на Македонија.

Првиот обид Македонија го имаше во 25. минута, Тричковски ја смести топката во голот на Естонија, ама погодокот беше поништен поради офсајд, за неколку минути подоцна да биде скршен отпорот на гостите, откако Спировски асистира до капитенот Тричко, а тој успеа да го совлада Хајн.

Само три минути по водството, Тричковски со глава биеше од непосредна близина, по центаршутот на Елмас, но Хајн му го одбрани централниот обид со глава. Првиот дел заврши со шансата на Сапинен, кој се обиде со лоб удар да го изненади Шишковски, но го префрли голот. На стартот на вториот дел Естонија ги казни промашувањата, па преку најдобриот играч Сапинен дојде до изедначување.

Дарко Велковски загуби топка во опасната зона, истата ја украде Сапинен, па по проигрување со Аинсалу пласира во горниот дел од аголот од голот на Шишковски, за 1-1. Ангеловски веднаш реагира, ги внесе во игра Костадинов и Стојановски, па следеа неколку зицери.

Но, голманот Карл Хајн едноставно беше расположен, па со супер-интервенции спаси обиди на Николов и Ристовски. Отпорот вторпат беше скршен во 68. минута, кога Елмас центрираше од десната страна, а Влатко Стојановски со вториот гол во кариерата во дресот на Македонија ја врати предноста (2-1).

Во 72. минута нововлезениот Стојановски повторно влезе во гол-шанса, се обиде по земја, но Хајн овој пат го прочита ударот. Естонија во последните петнаесетина минути како да загуби сила, Македонија беше тимот што притискаше, арно ама немаше трет гол во мрежата на противникот. Во судиското надополнување гостинот можеше да ги казни сите промашувања и да дојде до реми во Скопје, ама обидот на Аниер од свртување заврши над голот на Шишковски.

Македонија во групата 2 има девет бода и се наоѓа пред Грузија која има шест и пред Ерменија со пет бода. Последното коло ќе се игра на 18 ноември, а нашиот национален тим на неутрален терен во Кипар ќе игра со Ерменците.