Македонија оди во најпеколната група ако Романија дојде до ЕП 2020!

Фудбалската репрезентација на Македонија ги доби можните ривали на ЕП 2020, се најде во група заедно со Холандија, Украина и Полска, но ситуацијата може да се промени, ако Романија се пласира на европскиот фудбалски собир.

Романците чекаат плеј-оф во Лигата на нациите, а ако дојдат до ЕП 2020, тогаш ситуацијата во групите се менува. Како домаќини, Романците би го добиле нашето место во групата „Ц“ со оглед на тоа што мечевите се играат во Амстердам и Букурешт, а Македонија ќе биде прекомандувана во најпеколната група, на местото на Романија.

Се работи за групата „Ф“, која на европскиот собир ќе биде „група на смртта“. Таму се наоѓаат европскиот првак Португалија, најтрофејната европска селекција Германија, како и актуелниот светски првак Франција.

Плеј-офот од Лигата на нациите ќе се игра во март. Македонија чека полуфинале со Косово, а потоа следи финале со подобриот од дуелот Грузија - Белорусија.