ВИДЕО: Македонија не го најде патот до мрежата ниту против Шкотска и пак загуби во ЛН! 

Фудбалската селекција на Македонија го претрпе третиот пораз во групата 1 од новата сезона во Лигата на нации, откако пред својата публика во Скопје загуби од Шкотска со 0-2 (0-1). Нашите фудбалери одново одиграа натпревар под своето ниво, беа безопасни во текот на сите деведесет минути, не упатија ниту еден директен удар кон противничкиот гол, додека гостите ги искористија своите шанси и заслужено се враќаат со три бода.

Алиоски не успеа целосно да заздрави и остана на трибините, додека Гоце Седлоски за овој дуел се реши за промена на формацијата. Македонија ќе настапи со формација „3-4-2-1“, а најистурен во нападот беше Бојан Миовски. Во одбраната одново шанса добија Младеновски и Мелиќи.

Првиот наш обид дојде со пробив по левата страна на Ељиф Елмас, но неговото уфрлување дојде само до рацете на голманот Ган. На спротивната страна гостите поведоа практично од првата шанса уште во шестата минута. Стрелец на голот беше Киерон оуви кој доби топка низ средината од Били Гилмур, добро си ја намести на лева нога и „потегна“ од преку 20 метри, испраќајќи ја топката во малата мрежа за 0-1. Продолжија Шкотланѓаните со подобрата игра, па следуваа шанси на Енди Робертсон и Бен Ганон-Гоак кои завршија крај голот на Димитриевски.

Нашата најголема шанса ја имаше Бојан Илиевски кој истрча контра, влезе во шеснаесетникот, неговиот удар не ја погоди рамката од голот, ама беше опомена за гостите. Очигледно селекторот Седлоски не беше задоволен од она што го гледа и по само половина час се реши за дури две замени. Од игра излегоа Себастијан Херера и Лука Станковски, а ги заменија Ѓорѓе Џеков кој дебитираше и Јани Атанасов. Гостинот се закани уште еднаш посериозно, од далечина биеше Доак, но Столе Димитриевски со парада фати „жива“ топка. До крајот на полувремето темпото на игра опадна, а Македонија повторно не креираше посериозна можност пред гостинскиот гол.

Во вториот дел повеќе се гледаа спорни ситуации на ВАР-мониторите, отколку што се играше фудбал. Во двата наврати главниот судија Летексие и оние од ВАР собата, проверуваа можен пенал за гостинскиот тим. Во првиот случај донесоа правилна одлука. Прво судијата на теренот покажа на белата точка, но беше повикан да ја погледне ситуацијата. На забавената снимка убаво се гледаше дека Гаштаров не фаулираше, туку тој беше нагазен, па Летексие ја промени својата одлука и досуди топка за Македонија.

Но, вториот пат, Шкотска доби најстрога казна. Факт е дека Миовски играше со рака во казнениот простор, и самиот призна, но она што крена прашана беше ситуацијата претходно, поточно влечењето на Боуви врз Дориев. Сепак, Летексие сметаше дека немало доволно елементи за прекршок во напад, и покажа на белата точка. Одговорноста ја презеде МекГин, кој го испрати Столе на спротивната страна и ги постави конечните 0-2. Шкотска последните осумнаест минути ги одигра со играч помалку, откако црвен картон заработи МекКена, но нашите фудбалери не го искористија ниту тоа.

Така, Македонија уште еден натпревар одигра без постигнат, гол и го запиша третиот пораз во сезоната во Лигата на нации, додека Шкотска го забележа првиот триумф. Во следното коло гостуваме во Луцерн против Швајцарија. 

Состави

Гоце Седлоски

3-5-2

    Себастјан Покоњоли

    3-4-2-1