Македонија ќе испитува сили со Саудиска Арабија, во ноември уште два теста

Фудбалската репрезентација на Македонија по подолго време ќе одигра пријателски натпревари за темпирање на формата во октомври и ноември. 

Единствен официјално договорен тест е против Саудиска Арабија на 22 октомври. Тој натпревар е надвор од ФИФА термините, па на него ќе се користат играчи од Првата македонска фудбалска лига, како и сите оние кои се во поширок план и се потенцијални репрезентативци за идните собири. 

Покрај овој натпревар, Фудбалската федерација на Македонија има договорено уште две средби за во ноември. Се работи за тест против селекцијата на Финска во Скопје на 17 ноември, додека три дена подоцна ривал би бил Азербејџан. Овие дуели се во фаза на договарање, па од ФФМ најавија дека ќе бидат потврдени во идниот период. 

Сега, во септемврискиот циклус Македонија ја чекаат два важни дуели против Грузија и Бугарија во Лигата на нациите.