• Саше Љолес
Женската фудбалска репрезентација на Македонија ја извојува првата победа во Ц лигата од квалификациите за Светското првенство, совладувајќи ја Андора со убедливи 3-0 (2-0). Трите погодока ги постигнаа фудбалерки кои важат за иднина на македонскиот фудбал - Симона Мајер (20), Теона Галабовска (18) и Меланија Грозданова (17).
- Македонија - Андора 3-0:
Натпреварот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола започна со подобро темпо на гостинките, но Андора и покрај малата иницијатива, не успеа да создаде некоја конкретна шанса пред нашиот гол. Македонија заигра многу подобро после 15. минута, а тоа се потврди и со два брзи гола во гостинската мрежа. Најпрво погоди Теона Галабовска, која го отвори резултатот во 17. минута, а потоа стрелаше и Симоне Мејер, на тој начин удвојувајќи ја предноста само три минути подоцна.
До крајот на првиот дел видовме уште две шанси за нашите девојки, но резултатот остана ист, а Македонија замина во соблекувалната со комотни 2-0. На сличен начин стартуваше и вториот дел. Андора повторно тргна во поголем налет, но немаше можност за погодок во мрежата. На спротивната страна, Македонија се закани преку Максути и Галабоска, покажувајќи дека нема намера да му дозволи на ривалот да ја загрози нашата мисија.
Во игра влезе и талентираната Меланија Грозданова, која набргу имаше одличен продор и добра шанса, но биеше само во надворешниот дел од мрежата. Андора се закануваше само со повремени противнапади, но не делуваше како ривал што може да дојде до некакво изненадување.
Времето изминуваше, а Македонија полека го затвораше мечот во своја полза. Се чинеше дека до крајот нема да видиме големи возбудувања, но така не мислеше Меланија Грозданова, која ги постави конечните 3-0, постигнувајќи прекрасен погодок во 83. минута.
За Македонките ова беше повеќе од заслужен триумф, кој секако дава мотивација за следните мечеви. Следен противник ќе биде Унгарија, со која се среќаваме на 14 април.



