Македонија ја започна Лигата на нации со минимален пораз од Бугарија

Женската репрезентација на Македонија со пораз ги започна натпреварите во Лигата на нации и минимално загуби од Бугарија со 0-1. Нашите девојки можеа да стигнат барем до реми, но не успеаја да ја затресат гостинската мрежа. 

Бугарија наметна силно темпо во воведниот период и уште во четвртата минута успеа да го отвори резултатот. Станкова искористи еден солиден центаршут и со глава од седум метри ја матираше нашата голманка Панчурова. Македонија во продолжението се созема и успеа да се закани двапати по гостинскиот гол, но сепак, Бугарките го задржаа минималното водство и на паузата резултатот беше 0-1. 

Второто полувреме донесе помалку летаргична игра на гостинските фудбалерки. Бугарија на моменти делуваше како да има водство од 0-3, но Македонија никако не успеваше да го искористи тоа. Имавме две добри шанси преку Гентијана Рочи и Улза Максути, се трудевме да тргнеме посилно, но изостана реализацијата и ја загубивме шансата за извлекување бод од овој меч. 

Бугарија забележа важна победа и ги освојува првите три бода во групата 5 од Ц сегментот во Лигата на нации. Следен противник македонската репрезентација ќе биде селекцијата на Косово. Натпреварот е закажан за 27 октомври.