ВИДЕО: Македонија ја сопна и големата Англија за крај на циклусот!

Фудбалската репрезентација на Македонија со подвиг ги заврши квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2024 година. Нашиот национален тим на домашен терен остана непоразен со големиот фаворит Англија (1-1) и така сопна уште еден фаворит во Скопје, по она реми со Италија. За „Гордиот албион“ ова реми не значи многу затоа што тимот е веќе на ЕП 2024, а за Македонија е исто така сатисфакција и воедно прв триумф против овој ривал по двата минимални порази во 2003 и 2006 година.

  • Извештај од натпреварот:

Милевски им даде шанса на Атанасов и Алими во стартниот тим, а Саутгејт одговори со Воткинс и Луис во стартниот тим, а Кејн и Рашфорд на клупата. Tокму младиот ас на Манчестер Сити во третата минута го упати првиот удар кон нашиот гол, но биеше високо над пречката. Во петнаесеттата минута Англичаните креираа две шанси. Најнапред со удар по земја од дваесеттина метри Рајс го погоди дирекот, а половина минута подоцна Воткинс со глава биеше премлако за погодок. На половина од првиот дел Елмас беше срушен во казнениот простор на Англичаните, но судиите и ВАР-собата останаа беа реакција и наместо најстрога казна, Македонија остана со „кратки ракави“.

Англија загосподари со топката, но Македонија организирано се бранеше и не дозволи противникот да креира многу зрели шанси. По една грешка во казнениот простор на Англичаните, Рико Луис невнимателно го удри Миовски и по прегледувањето на ВАР-снимката, Македонија доби пенал. Најстрогата казна ја изведе Барди, Пикфорд му одбрани, но топката пак се одби до нашиот капитен, кој ја смести во небранетата мрежа (1-0). Димитриевски беше многу сигурен и во четириминутното надополнување му одбрани удар по земја на Алексанџде-Арнолд.

До полувремето Македонија вешто ја задржа предноста, а на стартот на вториот дел Англија почна со притисок. Динамична игра на „Гордиот албион“ уште во воведните минути донесе шанси пред голот на Димитриевски, а и погодок кој го даде Џек Грилиш, ама беше поништен поради офсајд. Саутгејт увиде дека Воткинс е индиспониран, во игра го внесе Хари Кејн, а најдобриот играч на Англија по само неколку секунди донесе израмнување. Се играше 59. минута кога Фоден нафрли, а Кејн биеше со глава и ја смести топката во македонската мрежа за 1-1 со помош на Јани Атанасов.

Македонија во следните напади на Англија одолеваше. Одбраната функционираше според планот и се чекаше на контра, меѓутоа ривалот не дозволуваше премногу простор за игра. Двајцата селектори ја освежија играта, кај Македонија влегоа Ристовски, Костадинов и Ашковски, додека кај Англија на терен се најдоа Филипс, Рашфорд и Палмер. Најдобрата шанса нашиот национален тим во второто полувреме ја имаше дури во 87. минута од прекин, кога Серафимов биеше со глава во казнениот простор по центаршут на Алиоски, но топката заврши над голот над Пикфорд. Финишот беше тактички за нас, кај Англичаните беше евидентен заморот, па ремито во Скопје е реален исход.

Македонија ги завршува квалификациите со ремија против Италија и Англија во Скопје, како и две победи над Малта дома и на гости. Четирите порази се два од Украина, како и по еден од „Гордиот албион“ и „аѕурите“.

Состави

Благоја Милевски

3-5-2

    Lee Carsley

    4-2-3-1