ВИДЕО: Македонија ја освои Рига, Елмас пак изведе мајсторија против Летонија!

Македонската фудбалска репрезентација се доближи до целта и до првото место во групата на Лига Ц на Лигата на нации. Попладнево во Рига нашите момци ја совладаа агресивната и жилава Летонија со 0-3 (0-1) и се зацврстија на првото место на три кола до крајот. 

  • Головите од натпреварот:

Милевски се одлучи за Бабунски во улога на напаѓач по десната страна, а по неиграњата на Зајков, Серафимов и Димовски, во одбраната шанса добија Манев и Алиоски. Летонците со новиот селектор Николето одговорија со систем 5-4-1 и претпазлива формација.

По само четири минути игра Македонија ја креираше првата шанса и тоа на најнеобичен начин. Димитриевски дегажираше, топката со помош на ветрот заврши пред противничкиот казнен простор, незгодно отскокна и за малку не го измами Матревикс, кој ја изби во поле. Во 13. минута и домаќинот ја креираше првата шанса, откако ударот со глава на Икаумекс заврши крај голот на Димитриевски. 

Во 17. минута Николето беше принуден да менува и на местото на повредениот Гатсковскис, во игра влезе Шитс. Енис Барди силно распали од 25 метри во 26. минута, но топката заврши за малку преку пречката. Три минути подоцна се обиде и Атанасов, но неговиот удар по земја го одбрани Матревикс. Отпорот на Летонците го скрши Јани Атанасов во 35. минута. Елмас беше инспиратор, додаде до Миовски, овој беше затворен од Матревикс, но додаде до Атанасов и струмичанецот од само пет метри ја смести во празната мрежа (0-1).

Само неколку минути подоцна се обиде Елмас од полудесно, но летонскиот голман одлично му одбрани. Во судиското надополнување Столе Димитриевски двапати ја спаси Македонија, откако Јурковскис и Ситс опасно се заканија. 

Вториот дел започна со закана на Миовски и блок на летонската одбрана. Следеше одговор на домаќините и две големи шанси во 49. минута. Икаумекс од пет метри со глава го промаши голот на нашиот национален тим. Во 55. минута Милевски изврши двојна замена и наместо Ашковски и Муслиу ги внесе Димовски и Костадинов. Давид Бабунски од волеј во 56. минута го упати првиот удар кон голот на Матревикс во второто полувреме. 

На средина од второто полувреме нашиот стручен штаб ги замени Давид Бабунски и Езџан Алиоски и им даде шанса на Милан Ристовски и Лирим Ќамили (зазеде необична позиција десен бек). Во моментите на криза во нашата игра, една долга топка кон Милан Ристовски ја збуни домашната одбрана, топката дојде до Ќамили, а нововлезениот наш репрезентативец со убава завршница ја погоди целта за 0-2.  

Нашите момци со фудбалска терминологија ја „спуштија топката“, го намалија темпото, а противникот пречесто грешеше. Во таков финиш Македонија без преголеми грижи го приближи натпреварот кон крај. Дарко Велковски доби неколку минути и по подолго време пак заигра за националниот тим, а во судиското надополнување Ељиф Елмас со евро-гол (удар од работ на казнениот простор) ги постави финалните 0-3. 

Во вториот натпревар од третото коло во нашата група, вечерва во Торшавн играат Фарски Острови и Ерменија. Нашата селекција в неела гостува кај Ерменците во можеби одлучувачкиот натпревар во групата.