• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Македонија го започнува својот најважен предизвик во новата година – баражот за пласман на Светското првенство 2026. УЕФА ја потврди официјалната саатница за полуфиналниот меч против Данска, кој ќе се одигра на 26 март на „Паркен“ во Копенхаген. Почетниот удар е закажан за 20:45 часот.
Фудбалерите ќе се обидат да го повторaт подвигот од баражот за СП 2022, кога со сензационална победа над Италија го привлекоа вниманието на светската фудбалска јавност, но во финалето не успеаја да го повторат тоа со Португалија. Овојпат, Данска претставува сериозен ривал, селекција со континуитет на големите натпреварувања и со долгогодишен репутациски статус во европскиот фудбал.
Доколку Македонија успее да слави во Копенхаген, во финалето ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Ирска и Чешка. Финалниот натпревар ќе реши кој од овие четири национални тимови ќе обезбеди место на Мундијалот во 2026 година, што првпат ќе се одржи во три земји – САД, Канада и Мексико.
Македонските навивачи со нетрпение ги очекуваат мартовските возбудувања, надевајќи се дека репрезентацијата повторно ќе ја израдува нацијата и ќе се избори за историски пласман на светската сцена.



