ВИДЕО: Македонија изненадувачки се лизна со Азербејџан на дождот!

Фудбалската репрезентација на Македонија не успеа да победи ниту во вториот пријателски натпревар во ноемврискиот термин. „Рисовите“ на Благоја Милевски загубија на домашен терен против Азербејџан (1-3), во меч кој се играше во незгодни услови поради дождот во Скопје и тешкиот терен на Арената „Тодор Проески“.

По ремито со Финска во Скопје, уште еден неочекуван резултат доби домашната публика која и на овој натпревар беше во скромен број. Ова беа последни активности за Македонија, а на обврските тимот се враќа во март кога ќе стартуваат квалификациите за ЕП 2024.

На овој втор тест во ноември селекторот Благоја Милевски не можеше да смета на Езџан Алиоски и Бојан Миовски кои отпаднаа од комбинација. Така, во стартниот состав за мечот со Азербејџанците, предводникот на А-тимот мораше да менува. Шанса меѓу стативите доби Шишковски, одбранбената линија имаше четворица, со Муслиу и Серафимов како стопери, а Ристовски и Ашковски на бековските места. Во средината од првата минута влезе Давид Бабунски, со Барди и Николов, додека Елмас и Дориев беа поддршка на Несторовски во нападот. 

Стартот на натпреварот ни припадна нам, а во првите десетина минути имаше само една шанса. Ељиф Елмас елегантно и откосо биеше по гостинскиот гол, меѓутоа ударот заврши крај стативата. На спротивната страна Азербејџан се закануваше по контри, а имаше и три обиди по корнер кои беа лесно решени од страна на нашата дефанзива. Македонија потоа пак ја презеде контролата врз играта, а тоа доведе до акција по левата напаѓачка страна на Ељиф Елмас. Фудбалерот на Наполи влезе во шеснаесетникот и изнуди пенал по еден старт на противнички играч. Одговорноста ја презеде Енис Барди и беше сигурен од единаесет метри, за водство од 1-0 на Македонија во 25. минута. 

По постигнатиот погодок, нашиот национален тим имаше уште некој опасен напад, се обидуваше да дојде до нов гол, меѓутоа не успеа. На спротивната страна Азербејџан успеа да дојде до израмнување во 37. минута од средбата. Прелесно репрезентативецот на гостите мина од лево и влезе во шеснаесетникот, па одложи на петерецот. Топката беше одбиена на тринаесет-четринаесет метри, а оттаму Елвин Јафаргулиев со удар по земја во спротивниот агол го матира Дамјан Шишковски за 1-1.

До полувремето Азербејџан можеше да дојде и до предност по една опасна акција, меѓутоа капитенот Стефан Ристовски го спаси налетот. Во судиското надополнување обид со глава имаше Илија Несторовски, но ударот заврши крај голот. Јасно е дека Благоја Милевски ќе реагира во второто полувреме, со цел да се нападне победата над денешниот ривал. 

На стартот на второто полувреме, Македонија остана со човек помалку. Во 52. минута Бобан Николов стартуваше остро врз противник и судијата Енеа Јоргиј му покажа втор жолт картон, што значеше исклучување. Шишковски исто така првпат беше ставен на сериозни маки, по еден шут на Јафаргулиев, но добро го одбрани. Се обиде Милевски да ја освежи играта, влегоа Јани Атанасов и Ваљон Етеми, на местото на Давид Бабунски и Илија Несторовски, но и тоа не донесе премногу пред голот на Магомедалјиев.

Од една ситуација откосо, Азербејџан изнуди корнер, па го претвори во гол. Се играше 65. минута кога по едно нафрлање Курбанли се снајде најдобро во казнениот простор и со глава ја смести топката во мрежата на Дамјан Шишковски, за 1-2 за гостинот. Следеа нови измени од Милевски, ги внесе во игра Бејтулаи, Димовски и Дориан Бабунски. Дојде и одлична можност за израмнување кога Атанасов испрати еден одличен шут од дваесетина метри, но заврши во пречката на голот од гостинот. Во последните десет минути шанса за деби доби и Мартин Мирчевски кој ја раздвижи играта, но реализација од игра за Македонија - немаше, дури и покрај фактот дека Азербејџан остана со играч помалку и силите на терен беа изедначени.

Во 88. минута, повторно по еден соло-обид, Енис Барди немаше среќа и ја стресе пречката. Следеше контра по неколку додавања на средината на теренот на Азербејџанците и Рамил Шејдаев се „поклони“ со глава пред голот на Македонија, за конечни 1-3.

Првиот натпревар од квалификациите за ЕП 2024, Македонија го игра на домашен терен против Малта. Закажан е на 23 март.