Македонија има три силни адути за победа во Тбилиси

Селекторот Благоја Милевски има серија на проблеми кои треба да ги решава во интервал од една недела, колку што нашите репрезентативци ќе бидат заедно за дуелите со Грузија и Бугарија. Без Адеми, Стефан Ристовски, Кире Ристевски, Николов, Чурлинов и Давид Бабунски сигурно нашиот ростер не е ист како во март и двомечот за историја притив Италија и Португалија.

Сепак, тоа не значи дека однапред ќе се предадеме на дуелот против Грузија. Имено, Македонија има свои адути и ќе се обиде да ги искористи попладнево во Тбилиси. Импресионира формата и сигурноста на голот на Столе Димитриевски, Голманот на Рајо Ваљекано блеска во првите два месеци од шампионатот на Шпанија, а за август беше и во тимот на месецот. Неговото искуство треба да донесе само стабилност во последниот ред кој треба најмалку да се менува. Муслиу, Велковски и Алиоски ќе играат од првата минута, а дилема е само кој ќе почне на позицијата десен бек.

Енис Барди е нашиот лидер во средниот ред, во отсуство на Стефан Ристовски и капитен попладнево. Преминот од Леванте во Трабзонспор му донесе и европски натпревари и сега е целосно во силен ритам со три натпревари неделно. Денес ќе го одигра 45. натпревар во дресот со државниот грб и веќе е зрел за сите одговорности.

Во нападот хиерархијата е измешана со оглед на тоа што Пандев, Тричковски, Несторовски не се повеќе во националниот дрес. Формата на Бојан Миовски и неколку гола во шкотската Премиер лига го истакнуваат како фаворит да почне од првата минута и против Грузија. Неговата способност да игра и како централен напаѓач и како страничен шпиц може да биде проблем за Грузијците попладнево.

Дуелот почнува од 18:00 часот, а главен судија ќе биде Словакот Иван Кружлиак.