• Мартин Танасковски
Иако финскиот КуПС на прв поглед нема многу допирни точки со македонскиот фудбал, сепак во историјата на клубот постојат две добро познати имиња со македонско потекло.
Најпознат пример е македонската репрезентативка Гентјана Рочи, која од 2019 година настапува за женскиот тим на КуПС. Напаѓачката е една од најуспешните фудбалерки во историјата на клубот и со своите голови и настапи остави длабока трага во финскиот шампион.
Рочи во изминатите години беше еден од главните адути на КуПС, освојувајќи титули и настапувајќи во европските натпреварувања, а воедно останува една од најзначајните македонски фудбалерки кои играле во Финска.
Интересна врска со КуПС има и Берат Садик кој по крајот на оваа сезона замина во пензија во дресот на ГФК Тиквеш. Искусниот напаѓач е роден во Скопје и токму во дресот на финскиот клуб ги направи првите значајни чекори во професионалната кариера, настапувајќи за КуПС во периодот од 2004 до 2007 година. Иако е роден во Македонија, Садик подоцна избра да ја претставува Финска на меѓународна сцена и настапуваше за финската репрезентација, поради што формално не се води како македонски репрезентативец.
Така, пред двомечот со Вардар во квалификациите за Лигата на шампионите, КуПС има и мала македонска приказна во својата историја преку Гентјана Рочи и Берат Садик, две имиња кои на различен начин оставиле белег во клубот од Куопио.

